Skip to content Skip to sidebar Skip to footer

Од млади за млади: натпревар на младински иницијативи коишто решаваат определен проблем во заедницата

Менторството е еден од најдобрите начини за учење и следење на прогрес на индивидуалци или група. Токму ваква можност имаа учесниците на натпреварот за најдобра иницијатива за заедницата. Вкупно шеснаесет млади лица од Куманово, Скопје, Струга и Кавадарци имаа можност да соработуваат со ментор и да развијат своја иницијатива за решавање на одреден проблем во нивната заедница.

Во соработка со менторите тие успеаја да развијат шест иницијативи и да ги претстават пред жири комисија на Конференција за презентација и избор на најдобри идеи за развој на заедницата подготвени од младите што се одржа на 7 јули 2023, во Скопје, во рамки на проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)”

“Како највредно нешто кое го научив во текот на целокупниот процес на развивање и менторирање на иницијативите би го истакнала тоа што почнав многу повеќе да ги слушам другите, што е многу важна особина за групното работење.” (Ива Крстевска – учесничка)

Низ целосниот процес на менторирање, младите учесници научија да развијат проектна апликација за нивната иницијатива, да развијат активности како и да креираат буџет за имплементација на нивната иницијатива.

“Исто така, знаењето како се изготвува една апликација за проект, како се формира буџет за истиот и други работи поврзани со апликацијата се доста важни работи за некој од невладин сектор, а и верувам дека ќе ми се потребни во иднина. Секако, со мене ќе си го чувам и чувството на победа, но и жедта за поголеми успеси!” (Ѓорѓи Шопоски – учесник)

“Искуството беше незаборавно. Почнувајќи од самиот пречек на настанот, се до почетокот, презентирањето и самиот крај. Слушнав одлични идеи, запознав луѓе со различни мислења но, сепак со една иста цел – да придонесат за својата заедница. Сите тимови беа прекрасни, секој со убаво сработена иницијатива. Вакви искуства вреди да ги искусат што повеќе млади.” (Стефанија Шопоска – учесничка)

Најважно од се е тоа што паралелно со техничкиот дел научија и да се сослушуваат, да работат во тим, да прифатат туѓо мислење и идеја и заеднички да работат на целосната апликација. Ова го имаат потврдено и самите учесници коишто споделија и нивни искуства поврзани со нивното учество и креирање на иницијативата.

“Највредното нешто што научив беа основните работи за како би можел јас сам да направам своја иницијатива. […] Мојата дружба со мојот ментор и пријателите од тимот.” (Никола Бошковски – учесник)

Проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)” е поддржан од Европската Унија а го спроведуваат спроведуван од Иницијатива за европска перспектива, како координатор во партнерство со Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД од Куманово, Нексус – Граѓански концепт од Скопје и ЗРА – Аква од Струга.

Tamara
Author: Tamara


Оваа веб-страница е креирана и се одржува со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)” и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

IEP © 2024.

All Rights Reserved.