На конференцијата се презентираа резултатите на проектот, како и Платформата ,,Младите против насилство” – целосно функционалната Платформа за граѓански организации кои работат на полето млади и разните видови на насилство, со дефинирани правила, процедури, Деловник за работа, Управен одбор, како и Стратешки план за периодот 2024-2025г.
Токму и една од целите на овој настан е промоција на неформалната Платформа на граѓански организации ,,Младите против насилство”, која е прва и единствена од ваков вид во С.Македонија. До сега Платформата има 32 членки – граѓански организации (национално ниво), имаме потпишано меморандум за соработка со повеќе јавни институции кои ни ја даваат нивната поддршка, како што се: Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Агенцијата за млади и спорт, повеќе општини и средни училишта на територија на РМС. Платформата, наскоро започнува да се шири во регионот и заеднички преку размена на искуства да се работи на спречување на насилство кај младите и подобрување на нивната безбедност.
Исто така, се споделија идеи и искуства од страна на тренер и учесничка, кои беа дел од некои активности на проектот. Така, Лазар Ѓуров, тренер за спроведување три меѓуопштински организации во рамки на овој проект вели ,,мора да освестиме дека контекстот во кој денешните млади растат е поинаков: демократија, нефункционални институции, изложени со многу информации и влијанија преку социјални медиуми. Не е лесно да си млад човек денес. Моето искуство за работа со трите групи во рамките на проектот покажа дека младите не се проблемот. Пристапот кон нив е проблем. Ако кон нив се пристапи со верба, почит, методи и техники со кои ќе се креира дијалог, тогаш ќе се случи промена и вистинска едукација. Со правилен пристап, младите ќе станат активни, вклучени, отворени и со желба за примена на наученото. Пристапот е клучен. Денес авторитетен пристап не поминува. Младите ќе се повлечат, но ќе го задржат гневот во себе и тоа ќе избие на друга страна. Затоа со драго срце се вклучив во работилниците и уживав во процесот. Се што видов во работилниците е дека со правилен пристап и поврзување со младите ќе се создаде одлично поместување и младите не само што ќе го применуваат, туку и ќе го шират знаењето кај своите врсници“. Додека пак, учесничката Стефанија Шопоска вели „во рамки на проектот бев вклучена како учесник во неколку проектни активности, преку кои се стекнав со нови знаења и вештини за препознавање и спречување врсничко насилство, но и со нови пријателства. Сметам дека се едни од подобрите и покорисни проектни активности на кои сум учествувала. Доаѓам од средно училиште познато по своите чести физички пресметки и конфликти меѓу учениците. Затоа, сметам дека е неопходно да има повеќе вакви активности за едукација на нас како млади, каде може повеќе да научиме за тоа што се претставува насилство, за видовите насилство, како да го препознаеме, да се заштитиме себе си и пријателите. Врсничкото насилство остава штетни последици за нас младите, кои може да имаат големо влијание во градење на нашиот карактер и идентитет. Меѓутоа, спроведувањето на вакви активности во или вон образовниот процес придонесува да се едуцираме, надградиме и постојано да се подобруваме како личности“.
Во рамки на настанот се разви и плодна дискусија од страна на панелистите и присутните, каде што Златко Апостолоски, национален координатор во Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, потенцираше дека „сме општество влезено во колективна апатија кое создава специфични вредности, пример како да дојдеме до повеќе пари без да се потрудиме за тоа. Проблем е што младите во системот на образование, функционираат во паралелни светови – во една смена одат ученици од една националност, во друга смена од друга националност, но во еден момент треба да живеат заедно“.
Оваа конференција се спроведе во рамки на проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“, од нашата организација Иницијатива за европска перспектива – ИЕП, како координатор, а во партнерство со Нексус – Граѓански концепт од Скопје, Здружение за развој и активизам – Аква од Струга, Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД од Куманово и Градење на заедницата Митровица од Косово, финасиран од Европска унија.